Кратка историја на боксот: Зошто „рингот“ е коцкаст

СПОДЕЛЕТЕ

boxing

Најраните познати примери на тепање со тупаници – како форма на спорт, датираат уште од 4000-3000-тата година пред нашата ера. Сепак, овие историски борби не се ни слични со боксот каков што го знаеме денес. Тогаш, повеќе наликувале на улична тепачка, каде сé било дозволено, под услов да се бориш со „голи раце“ т.е. без оружје. Модерната форма на порегулирани „тепачки“ почнува дури во раниот 18 век.

Во ова време, бокс мечевите немаа стандардизиран боксерски ринг, немаа ракавици, судија и згодни полуголи женски да ја најавуваат следната рунда. Публиката се собираше околу борците во кружен прстен, кој можеби бил, а можеби и не бил нацртан на земјата. Во 1713 година, Сер Томас Паркинс го опиша типичниот тогашен меч како борба што вклучува брцање во очи, давење, гушење, удари со глава и колена и слични улични тактики.

Сé се смени кога Џек Брутон го разви првиот сет на формализирани правила за бокс, во 1743 година, со цел да  ги направи боксот поцивилизиран натпревар. Мотивот за тоа дојде, веројатно во голем дел, од поразот што истиот тој Брутон му го нанесе на Џорџ Стивенсон – пораз во кој Стивенсон се здоби со тешки повреди и почина неколку дена по борбата. Потиштен од смртта на неговиот противник, Брутон ги напиша „Брутоновите правила“, за да го минимизира суровиот аспект на спортот, со што беа забранети удари под појасот, се забрануваше да се удира противникот додека е на подот и му се гарантираа 30 секунди можност да се соземе и да ја продолжи борбата, пред да биде прогласен за губитник. Има индикации дека уште Брутон се залагал да се замени рингот т.е. кругот од гледачи со коцкаст простор, но рингот со јажиња се појавил дури еден век подоцна. Оваа конкретна иновација била воведена за да се заштитат боксерите од фановите кои често знаеле да застанат преблиску до борбата и во некои случаи и да се вмешаат во нарцтаните кружни рингови.

ring

Брутоновите правила ги управуваа бокс мечевите речиси еден век, по што беа заменети со London Prize Ring правилата во 1838 година. Во овие нови правила пишуваше дека рингот треба биде поставен на трева, со пропишана големина, да биде ограничен од 8 столбови и јажиња, и со два обележани корнера, каде што на боксерите можеше да им биде укажана помош од страна на помагачите и водоносците.

Иако според овие правила боксерскиот „ринг“ (што во превод значи „прстен“) веќе не беше кружен, терминот беше толку интегриран во боксерскиот речник, што остана и по воведувањето на коцкастиот ринг, макар што понекогаш беше нарекуван и „коцкаст круг“.

Лондонските правила беа понатамошно усовршени околу три декади подоцна, од Џон Грејам Чемберс, со предлогот во 1867 година наречен „Маркиз од Квинсберови правила“, именуван во чест на боксерскиот ентузијаст Џон Даглас – 9-от маркиз на Квинсбери. Модерните боксерски правила директно се базираат на овој сет од регулативи во боксот. Примарната разлика е што последниве подразбираат носење на обложени ракавици и забрануваат напад врз противникот со било што освен со рака, му доделуваат на секој противник што е кутнат на земјата простор од 10 секунди за да стане или да ја предаде борбата, и ги поставија рундите да траат по 3 минути, со 1-минутна пауза помеѓу нив. И со новите правила, рингот остана да се вика ринг, и покрај коцкастата форма.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ