Throttle/Brake – епизода 5: Најдобрите концепт автомобили на сите времиња – втор дел

СПОДЕЛЕТЕ

Во првиот дел на најдобрите концепт автомобили, видовте како производителите и дизајнерите полека ја формираат сликата за како би требало да изгледаат автомобилите, во годините кои следеле но и денес. Во овој втор дел, ќе видите многу попознати автомобили, кои се предвесници на тоа што денес го знаеме и гледаме како спортски автомобил.

BMW Nazca C2

BMW Nazca C2 или Italdesign Nazca C2 е концепт автомобил произведен во 1992 година. Произведени се вкупно три автомобили. Автомобилот е дизајниран од познатата дизајнерска куќа Italdesign, дом на дизајнерот Џорџо Џуџаро, но секако може да се види и присуството на BMW посебно во предниот дел на возилото. Моторот кој е користен за овој автомобил, е модифицирана верзија на моторот од BMW серија 8, секако засилен од Alpine. Со зафатнина од 5.0 литри и 12 цилиндри, овој мотор произведувал 380 коњски сили. Масата на автомобилот била само 1000 килограми, што автомобилот без проблем достигнувал брзини од над 300 км/ч, односно 311 км/ч. Една година подоцна, прават и Nazca C2 Spyder. Инаку, да ве потсетам, доколку на времето сте играле Need For Speed III: Hot Pursuit на PlayStation, со сигурност сте го сретнале овој убав концепт автомобил.

Image-2

Image-1

Audi Avus

Еден од најубавите концепт автомобили. За прв пат бил претставен во 1991 година, на саемот за автомобили во Токио. Вреди да се напомене, дека алуминиумската шасија која Audi ја користи и ден денешен, е за прв пат вградена во Avus, што го прави исклучително лесен и безбеден. Супер автомобил со средишно поставен мотор и перманентен погон на сите четири тркала. Моторот требало да биде 6.0 литарски,W12 со 60 вентили, со моќ од 502 коњски сили, но во тој временски период менувачот бил се уште во експериментална фаза, така што автомобилот претставен во Токио бил без мотор. Со забрзување од 3 секунди до 100 км/ч и максимална брзина од 340 км/ч, овој автомобил денес би одел рамо до рамо со R8 и Aventador.

Image-3 Image-4 Image-5
Audi Rosemeyer

Дали овој автомобил ви изгледа познато? Овој автомобил заедно со Bentley Hunaudieres се автомобилите според кои е направен Buggatti Veyron. Погледнете го задниот дел, предната маска.

Овој автомобил се појавува во 2000 година под името Rosemeyer, во чест на Бернд Роузмејер кој своевремено ги возел 16 цилиндарските Auto Union тркачки автомобили.
Моторот е идентичен со оној на Buggatti Veyron, односно 8.0 литарски, со шеснаесет цилиндри и 700 коњски сили, но автомобилот на денот на неговото деби имал неверојатни 980 коњски сили. Веќе јасно се гледа поврзаноста на Veyron и Rosemeyer. Погонот е на сите четири тркала, перманентен, односно за цело време работат сите четири тркала, а пак силата е пренесена преку 6 степен мануелен менувач. Максималниот вртежен момент изнесува 761 Nm, а брзината која ја има постигнато била неверојатни 409 км/ч, (зборуваме за почетокот на новиот милениум).

Сепак, на огромна жалост овој автомобил никогаш не е сериски произведен, што поради огромните трошоци кои настанале за време на проектот, но исто така и поради немањето волја кај челниците на Audi да створат внатрешно ривалство со Lamborghini. За тие што не знаат, Audi и Lamborghini се под капата на Volkswagen.

Image-6 Image-7

Bentley Hunaudieres

Уште еден концепт автомобил, претходник на идејата за Bugatti Veyron. Направен е од Bentley, за да биде прикажан на саемот за автомобили во Женева во 1999 година. Името Hunaudieres доаѓа практично од една тркачка ситуација. На патеката Сарте во Париз, на правецот чие име е Hunaudieres, Сер Тим Биркин возејќи Bentley Blower го претекнал Рудолф Карациола со Mercedes, возејќи со едното тркало во трева при 201 км/ч. Инаку станува збор за 30 години од изминатиот век.
Моторот е природно аспириран, VW 8.0 литарски, со 16 цилиндри или во превод ист како оној што го придвижува Veyron само без четирите турбо полначи. Силата која ја произведува овој агрегат е 632 коњски сили и 760 Nm влечна сила. Менувачот е мануелен, пет степен, и со негова помош автомобилот достигнува максимална брзина од 350 км/ч. Можеби со новата технологија менувачи, овој автомобил ќе оди и побрзо, но поради политиките во групацијата VW, мислам дека шансите да се произведе ваков автомобил од Bentley се многу мали.

Image-8 Image-9 Image-10

Ford Mustang Milano

Низ историјата на Mustang направени се многу концепт автомобили, некои од нив тотално без врска, но има и такви кои заслужуваат големо внимание, како на пример Milano од 1970 година. Безобразно убав автомобил. Да, потсетува на Dodge Charger и на Pontiac GTO, но и Pontiac потсетува на Dodge и обратно. Според мене ова е прав American Muscle автомобил.

Image-11 Image-12

Maybach Excelero

Уникатен автомобил со високи перформанси направен во 2004 година  за потребите на Fulda  пневматици или германски Good Year. Автомобил со неверојатен дизајн кој е направен по примерот на Maybach SW38, автомобил од 30-те години кој бил исто така користен за потребите на Fulda пневматици. Моторот е V12, твин турбо, со 700 коњски сили и максимална брзина од 352 км/ч. Според некои шпекулации, раперот Birdman во 2011 година го има купено овој автомобил за неверојатни 8 милиони долари. Jay Z, во спотот за песната Lost One, се појавува во Maybach Excelero.

Image-13 Image-14 Image-15
Ford – Shelby GR – 1

Концепт автомобил направен од Ford, а инспирацијата за него доаѓа од Shelby, поточна да наликува на Shelby Daytona. За првпат е представен на саемот за автомобили во Чикаго во 2005 година. Многу од виталните делови на овој автомобил како што е шасијата, се всушност од Shelby Cobra Concept, кој пак е представен една година порано. Моторот е цел изработен во алуминиум, и е 6.4 литарски, со десет цилиндри, и содржи доста компоненти од Ford GT. Силата на овој автомобил е 605 коњски сили и 679 Nm. Менувачот кој се користел е шест степен мануелен. Штета што не е произведен сериски, преубав автомобил.

Image-16 Image-17 Image-18
Ford GT90

Ако за нешто треба да тагуваат луѓето од Ford, тоа е за овој автомобил GT90. Каква машина. Представен е 1995 година, во Детроит, како најмоќниот автомобил во светот. Најавата била сосема коректна ако се земе впредвид дека максималната брзина му била 407 км/ч, а на 402 метри развивал 225 км/ч. Каков ѕвер. Моторот бил средишно поставен, 6.0 литарски, V12, со четири турбо полначи Garret T2, 48 вентили и сила од 720 коњски сили. Силата била пренесена на задните тркала преку 5 степен мануелен менувач. Поради опасност од топење на задниот дел на автомобилот, биле вградени керамички панели, исти како кај Space Shuttle. Шасијата била направена од алуминиум и карбон, со што масата изнесувала само 1451 килограм. Овој автомобил се има појавено во голем број видео игри, и своевремено беше мој омилен автомобил во Gran Turismo 2.

Интересно е да напоменам дека автомобилот бил планиран за производство, но стварно незнам што тргнало наопаку. Замислете автомобил со брзина како Bugatti Veyron, но со подобра управливост. Мислам дека Ford GT90, е првиот хипер автомобил. Ако не е, тогаш треба да биде запишан како таков. Ме интересира, што ќе се случи, ако се вградат електро мотори (хибрид) и најсовремен менувач во овој автомобил. Неверојатно.

Image-19 Image-20TVR Cerbera Speed 12

Уште еден неверојатен хипер автомобил, со несреќна судбина. Направен да биде цивилен автомобил со најдобри перформанси, базиран на GT1 автомобил. Но од таму и започнале проблемите. Незнаејќи како да се справат со регулативите, луѓето од TVR решиле целосно да го прекинат проектот. Автомобилот имал мотор со зафатнина од  7.7 литри, со дванаесет цилиндри, и над илјада коњски сили кои никогаш не биле официјално измерени. Максималната брзина требало да биде поголема од таа на Mclaren F1, неофицијално. Од место до 100 за помалку од три секунди. Менувачот бил 6 степен мануелен. Масата изнесувала само 1100 килограми. Автомобилот е направен во далечната 1997 година. Замислете некој да го стави на тест овој автомобил заедно со LaFerrari и компанија. Замислувате?

Image-21

Image-22
Lamborghini Estoque

Кога е во прашање Ламбо сите знаеме дека името мора да биде поврзано со борби со бикови. Па така и за името на овој преубав автомобил. Estoque значи вид меч кој матадорот го користи за време на коридата. Ова е најубавиот спортски салон на светот. Иако првично бил со мотор од 5.2 литри до десет цилиндри, замислете си да има мотор од Aventador или пак некоја хибридна мешавина. Првпат представен во Париз во 2008 година, како луксузна спортска лимузина за 200 илјади евра. Прв Lamborghini автомобил со напред поставен мотор, не сметајќи го RM002. И да, и овој автомобил по се изгледа нема никогаш да се произведе.

Image-23

- Реклама -