Зошто ти „греши“ вагата?

diet-scale-110125-02[1]

Ако си на диета, вагата ти е основно оружје. Без вага си како витез без меч, како слон без сурла, како птица без едно крило… ај да не тупиме. Поентата е дека е многу тешко да се следи слабеењето и да се корегираат одредени параметри од диетата или тренингот, кога човек не може да ја следи својата телесна тежина.

Диетата функционира по принцип на редукција на внесот на калории, па потребно е истиот да се намали во доволна мера за телото да биде присилено да ги согорува масните наслаги со цел да создаде енергија. Преку тренингот, можеме да потрошиме повеќе калории, со што диетата и слабеењето би било полесно и побрзо. Ако телесната тежина воопшто не се смалува, тоа значи дека внесот на калории и понатаму е превисок. Затоа и е важно мерењето на вага.

Арно ама, вагата понекогаш се однесува како да претерала со пиење и покажува вредности што немаат никаква логика. Може, ама и немора да значи дека не е наштелувана. Најчесто, телесната килажа што ја покажува е точна, ама може да ве наведе на погрешни заклучоци. Еве зошто и како:

Задржување на телесната течност: Многу често се случува, особено кај жените, телото да задржува поголема количина течност за време на диетата, па слабеењето е прикриено. Иако вагата покажува исти вредности, масните наслаги се смалуваат, но заради задржувањето на течности, вие тоа не можете да го утврдите преку мерењето на вага. Во таков случај, клучот е трпението – проверете дали сé правите како што треба и ако мислите дека сте на добар пат, почекајте некоја недела за да се покажат резултатите и да се случи „woosh“ ефектот, кога телото конечно нагло ја смалува количината на вода која ја задржува. Имајте на ум и дека кај жените, менструалниот циклус може многу да влијае на осцилациите во телесната тежина.

Раст на мускулите: Многумина, паралелно со диетата прават и вежби за телото – заради тоа може да дојде до истовремено губење на масните наслаги, но и пораст на мускулната маса. Тоа обично се случува само кај почетниците. Во тој случај, телесната тежина може исто така да остане на истото ниво или да изгледа дека слабеењето е многу бавно, а всушност сé оди по планот. Ако истовремено сте почнале со диета и со теретана, не заборавајте дека оваа ситуација може „да ја збуни вагата“.

Мерење во рандом (случајно избрано) време: Многумина се мерат пречесто кога се на диета, и тоа најчесто во погрешни периоди од денот, без да го имаат на ум фактот дека и многу други фактори влијаат на осцилациите во телесната килажа, фактори кои не се поврзани со мускулното или масното ткиво. Заради храната и течноста, дневните осцилации можат да варираат и до неколку килограми, затоа е тешко да ја следите вашата диета ако се мерите во било кое време од денот.

Кога да се мерам? За мерењето да биде што попрецизно, важно е добро да го темпирате. Мерењето по правило секогаш треба да го правите во исто време и во исти (слични) услови. Најдоброто време е рано наутро веднаш по будењето (под услов да не сте јаделе сред ноќ, а ако сте на диета – не сте јаделе, така?), кога може најдобро да се утврди телесната тежина и да се спореди со секој претходен ден. Меѓутоа, голема грешка е и пречестото мерење. Резултатите ретко се инстантни и подразбираат подолго време. Пречестото мерење го игнорира овој факт, па може да се покаже како прилично лошо за мотивацијата, која е поважна и од вагата.

- Реклама -