Науката зад „Т’гата за југ“

СПОДЕЛЕТЕ

SoaringEagle1[1]

Копнежот за дома е чувство што денес сé помалку го сметаме за сериозно, за разлика од Константин Миладинов, на пример. Во 1950-тите, луѓето исто така го игнорирале. Но во годините пред Втората светска војна, па назад до 17-от век, европската и американската медицина беше мошне посветена на оваа специфична „болест на срцето“. Во текот на многу години, „хипохондријата на срцето“ (како што беше нарекувана) се сметаше за болест што може да се излекува, но и за болест што ако беше оставена без да биде третирана, често можеше да биде фатална.

Копнежот за дома е дел од човечкото искуство уште од времето кога човекот прв пат го напуштил домот, а се спомнува и во приказните за грчките војници што учествувале во Тројанската војна. Сепак, вниманието на медицинскиот естаблишмент го привлече откако група швајцарски војници беа прогласени за онеспособени заради чувство на тага кон домот.

Филозофот Тифани Ват Смит, во својата книга The Book of Human Emotions, пишува:

Почна така што војниците почнаа да ги мачат дефокусирачки мисли за дома – често предизвикани од слушање на ѕвонците на кравите во далечината. Потоа прогресираше во летаргија и тага, „чести воздивнувања“ и „нарушен сон“. Следеа чудни физички симптоми: рани, срцебиење, а оттаму и „глупост на мозокот“ – налик на деменција. Некои војници умреа од болеста, како резултат на одбивањето да јадат храна. Единствениот познат „лек“ беше да се вратат дома, и многумина пробаа, само за да бидат казнети со смрт, за дезертација.

Во 1688, швајцарскиот доктор Јоханес Хофер објави извештај околу оваа мистериозна епидемија, нарекувајќи го проблемот „носталгија“, кованица од грчкиот збор nostos – што значи „враќање дома“ и algos – што значи „болка“, пишува Смит.

5065fba78752c.preview-620[1]

Зборот денес има малку поинакво значење, кое почна да се менува некаде кон почетокот на 20-от век, но во речиси 200-те години по објавувањето на извештајот на Хофер, „носталгија“ беше медицински термин што означување интензивен, и потенцијално опасен, копнеж по дома; макар што докторите никогаш не се сложија околу симптомите. Сузан Мет, историчар и автор на Homesickness: An American History, објаснува: „Не секој копнеж по дома значеше дека ќе те убие, но ако имаше навистина акутен случај, се квалификуваше како носталгија…“ Притоа биле наведувани различни комбинации од симптоми, но од оние што често се поклопувале биле: краткост на здивот, срцебиење, дизентерија, треска, проблеми со белите дробови или чувство на акутен копнеж, „по што телото ќе почнеше да се гаси“.

Во извештајот, Хофер наведува пример со еден швајцарски студент од Берн, кој се преселил во Базел за да студира. Додека бил во Базел, најпрво страдал од „долготрајна тага“, што потоа се развила во висока температура и треска. Неговите симптоми се влошувале со секој изминат ден и се чинело дека наскоро ќе умре. Неговите доктори заклучиле дека за да го спасат, тој мора да биде вратен во неговата родна земја. Пациентот веќе бил „полу-мртов“ кога била донесена одлуката, но сепак, бил ставен на кревет и пренесен во Берн. Само што почнало патувањето, пациентот одеднаш почнал „да диши послободно“ и да „демонстрира смиреност на умот“. Како што се доближувале до градот, неговите симптоми сé повеќе се намалувале, а уште пред да влезат во Берн, студентот целосно си дошол „при себе“.

Во истражувањето на Сузан Мет, таа наишла на многу примери кога носталгијата била наведена како причина за смрт на војниците во некои од големите војни, вклучувајќи ја и Граѓанската војна во Америка. Според неа, докторите во Граѓанската војна пројавувале прилично голема симпатија кон оние кои страдале од носталгија. „Луѓето ја сфаќаа толку сериозно што можеше барем да добиеш отсуство, ако не и да бидеш комплетно ослободен од воена служба, бидејќи единствениот лек за таквата болка беше враќањето дома“. До крајот на војната, повеќе од 5.000 војници добиле дијагноза на носталгија, а 74 војници умреле од истата.

За споредба, во извештаите за Првата светска војна постои само една наведена смрт на војник, предизвикана од носталгија. Краткото објаснување за ова е дека западниот свет стана многу помобилен; напуштањето на домот веќе не беше толку ретко, а мечтаењето за дома не беше во согласност со авантуристичкиот дух кои многумина кои живееја во 20-от век го негуваа. Денес, она што му се случило на швајцарскиот студент веројатно ќе го наречеме акутен случај на анксиозност и депресија. Сепак, во поново време се појавуваат некои научници кои повторно ја разгледуваат носталгијата и сугерираат посериозно сфаќање на истата: Во една студија од 2011-та, направена врз латино-американските имигранти во САД, покажува дека копнежот по дома е фактор што придонесува за менталните болести кај ова население. Шабнам Етемади, психолог на Државниот универзитет во Тенеси, често ја гледа оваа појава при нејзината работа во заедниците на имигрантите и бегалците. Според неа, имигрантската популација се бори со чувство на длабока загуба, откако ќе пристигне во САД, за кое време мечтаат за дома и луѓето што ги напуштиле. Многу од таквите со кои таа работи, во себе носат длабока болка која често знае да премине во главоболки или стомачни болки, што Етемади го сфаќа како психофизичка манифестација на менталниот стрес под кој се наоѓаат овие луѓе.

homesick__i-605px[1]Од друга страна, многу од луѓето што во денешно време мигрираат по светот имаат можност да ги гледаат и контактираат со блиските, благодарение на разните друштвени мрежи и средства за комуникација. Логично би било ваквата олеснета комуникација да го искорени копнежот за дома, нели? Сузан Мет, повикувајќи се на интервјуата со имигранти и војници кои биле стационирани во странство, вели дека не е така едноставно. Навистина, за некои, модерните средства на комуникација се олеснување. Но, други велат дека тоа што подетално знаат што се случува дома, прави татковината да им недостасува уште повеќе. „Мислам дека е двосмислен ефект што модерната технологија нé заведува да мислиме дека конекцијата е лесна и безболна, а нé заведува и да мислиме дека враќањето е лесно – имаме авиони, коли, и тоа ја придушува болката од миграцијата и патувањето. На некој начин, ја сокриваме под тепихот, бидејќи технологијата прави сé да изгледа глатко“.

А болката е покомплексна и од враќањето дома. Секој што се вратил знае дека тоа не секогаш го решава проблемот. Обично, за повратниците, татковината изгледа прекрасна и топла како што ја запаметиле само некое кратко одредено време, додека не сфатат дека носталгијата им создала еден вид на амнезија околу одредени работи што ги мразеле кога живееле дома. Во случајот со американските мигранти, многумина патеа за домот кога беа во САД, а потоа патеа за САД кога се вратија во Ирска или Италија. „Во многу случаи, носталгичните сметаат дека копнеат по напуштено место, но кога ќе се вратат на тоа место, сфаќаат дека копнееле по некое заминато време“, заклучува Мет.

- Реклама -