Путин, Папата и Патријархот

Како и секој офицер на КГБ, рускиот претседател Владимир Путин знае како да извлече корист од другите.

Во својата одлична нова биографски книга „Новиот Цар“, поранешниот московски дописник на New York Times – Стивен Ли Маерс, опишува како Путин ги користел слабостите на противниците во корист на советската кауза, кога бил испратен во Источна Германија во последните години од распадот на комунизмот.

Денешната историска средба меѓу папата Френсис и патријархот на Руската православна црква – Кирил, во Куба, е уште еден случај кој Путин ќе се обиде да го сврти во своја полза.

Овој настан е првата средба меѓу римскиот папа и рускиот патријарх после Големиот раскол на христијанската црква во 1054 година, кога теолошките разлики ја расцепија христијанската религија на западно и источно крило.

Оттогаш Православната Црква (на руски, „православие“ буквално значи „правилна богослужба“) се смета за единствената вистинска форма на христијанството во Русија, а другите вери се отфрлени заради тоа што во нив имало „заострување на индивидуализмот“, и заради „недоволна почит на човечката душа“.

Во текот на речиси целиот милениум, непријателството помеѓу двете цркви изгледаше непребродливо.

Во модерното време, само заканата од нуклеарна војна успеа да ги принуди двете страни да направат обиди за заздравување на врските меѓу Истокот и Западот – но дури и тогаш политиката на кохезија беше предводена од светските власти во СССР.

Во 1963 година, советскиот лидер Никита Хрушчов (заколнат атеист) го праќа својот зет и советник – Алексеј Аџубеј, на историска средба со тогашниот папа Јован XXIII.

Но, вистинскиот пробив се случува во 1989 година, кога советскиот премиер Михаил Горбачов се состана со папата Јован Павле II – полскиот свештеник кој ја посвети целата последна деценија на обид да го утврди папството како дел од опозицијата на советската атеистичка тоталитарна власт.

По распадот на СССР, односите продолжија да се затоплуваат: првиот претседател на Руската Федерација – Борис Елцин, беше примен во Ватикан во 1991 и 1998 година.

Неодобрувањето од страна на Руската православна црква, пак, беше единствената пречка што го одврати папата да ги прифати официјалните покани и да ја посети Москва.

Односите меѓу Русија и Светата Столица добија уште поголемо значење откако Путин стана претседател.

Иако советските граѓани беа воспитувани на атеизам, Путин почна да работи во тесна соработка со Православната Црква, во обид да наложи конзервативни општествени вредности во домот, и преку тоа се обиде да го прошири руското влијание и зад границата.

Во 2007 година, Руската православна црква се спои со една од расколничките организации – Задграничната руска православна црква, која се отцепи од Московската патријаршија уште во 1921 година, во знак на протест против болшевичкиот режим.

„Враќањето на црковното единство е клучен услов за враќање на изгубеното единство на целиот руски свет, кој отсекогаш го сметал православието за еден од темелите“, рече Путин за време на церемонијата во чест на настанот.

Сега, средбата во Куба ќе му овозможи на Путин да стане токму оној руски државник, за чие време е означен почетокот на дијалогот меѓу Католичката и Православната Црква.

Важноста на настанот се гледа по тоа колку неверојатно звучи. Сепак, токму Путин и Кирил ја  раководеа политиката на непријателство кон Западот и ја поттикнаа Руската православна црква во насока на конзерватизам, национализам и нетолеранција.

Патријархот (за кого се тврди дека исто така соработувал со КГБ) ја прогласи војната во Сирија за „света битка“, додавајќи дека „денес нашата татковина е можеби најактивна сила во светот која може да ја поведе оваа битка“.

Во тотална спротивност – папата Францис не само што е отворено прогресивен (дури одбива и да ги осуди хомосексуалните луѓе), туку тој постојано се залага за мирно решение на конфликтот во Сирија.

Дозволувајќи средбата меѓу папата и патријархот да се случи – а не треба да постои сомнеж дека Путин дал свој благослов – рускиот претседател бара религиозно признание и политичка популарност.

Средбата ќе му овозможи и да го испровоцира Западот, кон кој Путин чувствува презир поради санкциите врз Русија по конфликтот во Украина и поради критиките против воената интервенција во Сирија.

Одржувањето на самитот во Куба е плод на тенка пресметливост. Имајќи ги во предвид санкциите врз Русија, Европа веќе е надвор од играта. Но Куба – на која СССР и обезбедуваше значителна финансиска помош во замена за сервилната лојалност на Фидел Кастро – претставува силен симбол на амбицијата на Русија да биде глобален фактор.

Раководството на „Островот на слободата“, пак, никогаш не го негирало христијанството така како што советските лидери тоа го правеа. Во последните 20 години, Куба беше домаќин на три папски посети: на Јован Павле II во 1998 година, на Бенедикт XVI во 2012 година и на папата Францис во 2015 година.

Раул Кастро – брат и наследник на Фидел – веќе го имаше покането рускиот патријарх на официјална посета, за да се увери лично дека комунизмот и христијанството се компатибилни.

Од гледна точка на Путин – не можеше да се најде посоодветно време за спроведување на оваа средба. Пад на цените на горивата, драматичната девалвација на рубљата, тековните санкции и се покрвавите кадри кои доаѓаат од Сирија, го принудија очајно да бара позитивни вести.

А каква подобра инекција постои за имиџот, од тоа заменикот на Исус да застане рамо до рамо со најблискиот духовен и политички сојузник на Путин?

Надминувањето на еден од најстарите расколи на христијанството е благородна цел. Но, кога папата Френцис ќе се сретне со патријархот на Путин, би било добро да се сети на старата англиска поговорка: “Кој ќе седне на иста маса со Ѓаволот, подобро да има долга лажица”.

Од колумната на Нина Хрушчова, внука на Никита Хрушчов.

- Реклама -