Што е добра книга, за Кафка?

franz-kafka[1]

Она малку „бонус“ што го добиваш при читање писма на одамна починати мислители и литературни гиганти, како Франц Кафка, секогаш претставува фасцинантно патување. Литературната маестралност проткаена во приватните разговори неудобно те боцка со помислата дека твојот последен муабет со личноста на твојот живот ти се содржел од неколку емотикони и две три неискрени „lol“-а. Од друга страна, па и постојаните егзистенцијални размисли знаат брзо да го изморат човек.

Кафка го знаел сето ова, што се гледа во неговите лични писма. Собрани во „Писма до пријателите, семејството и уредниците“, неговите писанија варираат од извонредно длабоки, до начисто чудни.

Во едно од нив, напишано во 1904-тата до неговиот соученик и другар од детството – Оскар Полак, Кафка пишува за книгата од 1800 страни што штотуку ја завршил со читање – дневниците на германскиот поет Кристијан Фридрих Хебел. Во драматична форма, Кафка раскажува дека додека ја читал книгата, не можел да фати пенкало во рака, бидејќи големите стилски постигнувања на Хебел ја вознемириле неговата свест. Во продолжение следува она што, според Кафка, ја прави една книга да е добра:

„Сметам дека треба да го читаме само оној вид книги што не рануваат и не прободуваат. Ако книгата што ја читаме не нé разбуди со удар во главата, тогаш зошто воопшто ја читаме? За да не направи среќни, како што ти пишуваш? Добри Господе, би биле среќни токму кога би немале книги, а тој вид книги што нé прави среќни е оној вид што можеме да ги напишеме и сами, ако мораме. Но, ни требаат книги кои влијаат на нас како катастрофа, кои нé растажуваат и нé измачуваат длабоко, како смртта на некој што го сакаме повеќе од себе, како да се биде протеран во шумата, далеку од сите, како самоубиство. Книгата мора да биде секира за замрзнатото море во нас. Тоа е она во што јас верувам“.

why-you-should-read-kafka[1]

Писмата содржат и други, некогаш хумористични видувања во животот на Кафка или во неговите ставови околу добрата книга и доброто пишување. Така, во едно друго писмо до Полак, од 1902-рата, му раскажува на пријателот за своето биро за пишување. Веројатно шега, Кафка пишува дека има дрвени шилци каде што му се колената:

„Ако седиш тивко и внимателно, и ако напишеш нешто солидно, сé е во ред. Но, ако се возбудиш, внимавај – ако телото ти затрепери дури и малку, неизбежно ги чувствуваш шилците во твоите колена и како тоа боли. Би можел да ти ги покажам модриците. Тоа што сакам да го кажам е едноставно: Не пишувај ништо возбудливо и не му дозволувај на телото да затрепери додека пишуваш“.

- Реклама -