Германската сложувалка од 600 милиони документи

По падот на берлинскиот ѕид, 9 ноември 1989 година, агентите на источногерманската тајна служба Штази добија наредба да ги уништат сите документи и да ги отстранат сите траги, а демонстрантите кои упаднаа во седиштето на Штази во јануари 1990 година, утврија дека 45 милиони страници документи биле уништени, главно исечени во машина, а она што не проаѓало на машина, искинато е со раце. Сепак, сочувани се повеќе од 15.000 вреќи со 600 милиони парчиња материјал.

Две години по обединувањето на Германија, 1992 година, основана е Агенцијата за Федералната комисија на Штази документи со единствена задача, да се реши најголемата сложувалка во историјата на човештвото.

Роналд Јан, федералниот комесар кој е одговорен за оваа Агенција, и самиот бил затвореник на источногерманската тајна служба. Тој вели дека Агенцијата има важна работа во соочувањето со минатото.

Од исклучителна важност за заинтересираните е тие да можат да погледнат во своите досиеа, да ги повратат деловите на своите животи кои им се украдени, нагласил Јан за СиЕнЕн, пред две години.

Досега, сложени се 1,5 милиони парчиња документи, повеќето на рака, а да се сложат сите рачно, речиси е невозможно. Министерството за државна безбедност или Штази, во текот на четирите децении постоење на Источна Германија ги шпионирало граѓаните, многу често со помош на „неформално вработените“, или информатори, кои ги пријавувале своите колеги, пријатели или семејството.

Хенинг Фрундер во 1968-та имаше само 21 година и одлучи дека сака да ја напушти Источна Германија. Некои полски рибари требаше него и групата студенти да ги пренесат по морски пат до северната граница на Западна Германија, но групата никогаш не влезе на бродчето.

Писмата испратени до пријателите на запад, каде што тие се молат за пари со кои би ги платиле Полјаците завршиле во рацете на Штази. Неколку недели подоцна Фрундер и останатите се уапсени, судено им е, и сместени се во затвор за обид за нелегален излез од Источна Германија.

Фрундер поминал неколку месеци во затворот на Штази пред да биде депортиран во Западна Германија во есента 1970 година. Тогаш се прашувал кој го предал, а тоа го открил во документите кои сега се во рацете на Агенцијата.

Тоа беше информаторот, Александер Радлер, еден од студентите од групата. Под конспиративното име „Томас“ тој шпионирал за Штази повеќе од 25 години.

Кога дознав дека Радлер живее во Шведска, каде го пренесува зборот на Бог, како свештеник, збеснав, вели Фрундер и додава дека никогаш не го контактирал Радлер.

- Реклама -