Све експерти по живот

thumbs-up[1]

Чудно е како несреќата и душевните проблеми се претворија во неспособност. Толку години ни го тупат ова што конечно почнавме да им веруваме. Некаде по Фејсбук или на страниците на списанијата нè научија дека претпазливоста, маката, стравот и сите други проблеми се само некакво просто незнаење. Несреќен си бидејќи не знаеш како да мислиш позитивно, како да живееш овде и сега. Бракот не ти е сјаен зашто не ги знаеш 5-те принципи на среќниот брак, животот ти е краток зашто не ги знаеш 10-те правила на долговечноста и неисполнет затоа што не ги знаеш 3-те совети на Ајнштајн за љубовта. Отворете некое популарно списание и ќе видите. Цели орди професионалци се подготвени да ве научат како да сте среќни, како да го најдете вистинскиот партнер, како да ги остварите своите соништа. Илустрирани водичи напишани како за идиоти. Ги има за секоја сфера од животот – „10 правила како да се расправаш дома“, „5-те принципи на внатрешната слобода“, „Како да сакаш вистински“, „5 чекори за да веруваш во себе“, „Како да не љубомориш“, „Како да престанеш да одложуваш“, „Како да постигнеш внатрешна хармонија“ и уште многу други… Сè е просто – ти само треба да го научиш.

Порано имаше филозофија, поезија, литература и музика, кои зборуваа, се обидуваа да именуваат некаква вистина. Човечката природа беше исполнета со противречности, парадокси и двосмислености. Писателите поставуваа прашања за светот и за животот. Нè провоцираа да размислуваме и да поставуваме сопствени прашања, да го бараме патот, да направиме некаква духовна усилба.

Но уметноста и културата го загубија своето место. Сè човечко беше избуткано во аголот на јавната свест, за да се направи место за новата проста духовност и нејзините евангелија – списоци со готови рецепти и водичи за живот. Кратки, плитки и навредливо елементарни лекции по живот кои нè демнат зад секој агол. Мудрости-полуфабрикати на Фејсбук слики, треба само да си ги подгрееш во микробранова. Како несреќниот да е едноставно неук, неспособен или неволен. Еден непросветен, кој треба да биде научен како се живее, од страна на успешните и експертите. Тој веќе не е дух и душа, изведен пред пропаста на полу-значајниот живот и бескрајната застрашувачка длабочина на целиот видлив и невидлив, внатрешен и надворешен свет. Тој е само машина на која не и работи програмата.

Страдате од депресија? Нема никакви проблеми, само кажете ни како мислите, за да ве научиме како да го правите тоа правилно, попозитивно. Па да – ете го проблемот – начинот на кој мислите очигледно е погрешен (како вие да сте виновни), тоа што го чувствувате е погрешно, но не грижете се повеќе! Еве сега ќе ви го исправиме размислувањето. За посигурно, земете го и ова апченце – тоа ќе направи да се чувствувате како што треба, бидејќи во моментот се чувствувате неправилно, а тоа е многу лошо! Можете ли да замислите, не дај Боже, што ќе се случи ако сите почнат да се чувствуваат неправилно?!

pills2

Се извинувам за сарказмот, но како поинаку да реагира човек на такви грозни навреди? Тоа не е спор на политички убедувања или здрава исхрана. Тоа е најфиното и најтешкото спознание на овој свет – душевноста.

Најодвратното, сепак, лежи во нешто друго. Сите овие максими – „Секој може сè“, „потсвеста може сè“, „И ти можеш да бидеш сè што сакаш, само прави тоа и тоа“ или други од ваков тип – зад сето ова стојат безмилосните прекори: ти си неук, си можел да бидеш среќен, но си ја пропуштил можноста, не си мислел како што треба, не си гледал на светот правилно, си го изгубил детето во себе, не си дал шанса на имагинација и така натаму… Ги повлекувам зборовите – тоа не е навреда, тоа е обвинение. За човек, кој гледа на себеси како на вечен губитник, а на животот како на серија неуспеси и пропаднати соништа, тоа се грозни обвиненија. Да тврдиш дека затворот на неговите сопствени страдања е само илузија, решетките се од воздух, од кои не се ослободил само заради недостаток на елементарни животни знаења и храброст (и тоа го има – несреќните немале храброст да бидат среќни!) – Тоа е исклучително тешко обвинение и предизвикува само едно – уште повеќе вина. А кога човек сепак ќе се присили да ги следи овие лекции и нема да постигне речиси ништо, тоа води до уште потешко страдање, дури и до очај.

Не знам како дојдовме до тука, но порано работите беа поинакви. Психотерапијата (психоанализата) започна токму со перцепцијата дека во душевните симптоми има некаква заклучена вистина, некаков апел. Зад тревогата, стравот, меланхолијата и безизлезното повторување има некакво слово, кое не може да се изговори и кое нема кој да го чуе. Нешто кое е несвесно не само помеѓу човештвото и околниот свет, туку и во самите нас. Една скриена и длабоко лична вистина, која не може да биде спознаена и е во заложништво на душевните противречности и принудена да најде погрешен начин да се изрази како некаков неразбирлив болен компромис.

Но во идеален свет, со идеални луѓе, нема место за сложеност, противречности и двосмисленост. Нема начин како човек да сака две спротивни нешта или пак да каже нешто повеќе отколку она што го зборува на глас. Нема како ем да сакаш, ем да мразиш. За новите експерти по животот, душевноста стана исто толку плитка и еднослојна, колку и нивните професионално ретуширани колажи од фотографии на „среќни“ и „успешни“ луѓе (всушност фото-модели). Ни ги набиваат во устите од утро до вечер, заедно со елементарните лекции по живот составени од по една реченица – извадени од контекст, едноставни, пластични и кратки.

Но, вистината не е кратка и не е напишана врз слика на Фејсбук.

од блогот на Валентин Јорданов

- Реклама -