Што се менува од 1 јануари 2016 ширум светот?

СПОДЕЛЕТЕ

640

Првиот ден од новата година не е само мамурлак, руска и кифлички и трезвената помисла дека си една година постар. Секоја нова година, еден куп нови правила, закони и прописи стапуваат на сила. А и 2016 не е исклучок.

Така, од вчера истополовите бракови станаа легални во Естонија (прва земја од сите поранешни советски републики), потоа дел од увозот на турска храна во Русија е забранет, а продавниците во Холандија нема повеќе да смеат да даваат бесплатни пластични кеси.

Стокхолм и Копенхаген спремни се да воведат засилени контроли на идентитетот на луѓето што влегуваат во Шведска од Данска – една од главните рути за влез во земјата на бегалци, иако новите правила стапуваат дури од понеделник.

Од вчера, во наредните две недели дел од народот во Делхи ќе може да ги вози своите автомобили секој втор ден, во обид да се намали загадувањето во градот. Значи пар-непар. Законот којшто не важи за таксисти, автобуси, коли на природен гас и за жени-шофери, е обид да се намали метежот и загадувањето во град, на чии улици секојдневно се појавуваат по 1500 нови возила и каде што квалитетот на воздухот е оценет како „многу низок“.

Електронските цигари ќе доживеат удар во Канада. Од 1 јануари, во Онтарио забрането ќе биде да се продаваат е-цигари и парни цигари на малолетници. Нелегална ќе биде и продажбата на тутун со ароми примамливи за деца и млади како на пример, тутун со шмек на грозје и јагода.

Додека пак во Британија, ќе стапи на сила забрана за пушење во затворите, по долга седумгодишна битка.

Во други краишта низ светот, новата година добро почнува за жените – во Саудиска Арабија првите жени пратеници ќе седнат во парламентот по првите историски избори во оваа земја одржани минатиот месец.

Во Германија, пак, стапуваат нови правила според кои во надзорните раководни тела на големите компании ќе мора да членуваат најмалку 30% жени.

Постојат и поголеми институционални промени, што нема да го сменат секојдневието на луѓето, но можеби треба да се знаат – Холандија го презема претседателството на ЕУ, Јапонија е домаќин на самитот на Г7, а Вроцлав, Полска и Сан Себастијан, Шпанија стануваат европски престолнини на културата.

Кај нас, сите редовни студенти на државните универзитети ќе можат да користат бесплатен јавен превоз на сите линии. За оваа намена ќе добијат картички од јавните сообраќајни претпријатија.

Од годинава стартува и проектот „средношколска среда“ кој предвидува, на сите средношколци од државата секоја среда да им бидат обезбедени бесплатни билети за железничкиот превоз, жичницата на Водно, за во кино и театар.

Можеше и подобро да поминеме!

Барем да падне и законот за пиво после 7, кога веќе немаме абер од пар-непар!

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ