Легендата за најголемиот натпревар во историјата на фудбалот

СПОДЕЛЕТЕ

Во духот на претстојните Нова Година и Божиќ, денес ќе ви ја понудиме легендата која нема да ве остави рамнодушни и во која главните ликови се анонимни млади мажи од Британија и Германија. Тие не се познати фудбалски ѕвезди, но го одиграа секако најголемиот меч во историјата на фудбалот со што станаа легенди на оваа игра и го возвишија нејзиното значење.

Се работи за почетокот на Првата светска војна.  Повеќето млади луѓе од Велика Британија и Германија тогаш биле извадени од средношколските клупи и вовлечени во едно од најголемите колективни лудила во историјата на човештвото.

Божиќот 1914 година тие го дочекаа во студените калливи ровови далеку од своите најмили. Еден ден пред Божиќ  гранатите блескале од сите страни, така што добар дел од нив не ја дочекале Божиќната ноќ. Некои од преживеаните тврдат  дека по стенмувањето се случи тотална тишина. Сенишниот молк постепено се претворил во магичен Бадник.

Од германските ровови се слушаше најпрвин тивко, а потоа се погласно, Silent night – Тивка ноќ (на германски), традиционална Божиќна песна ), а од англиските ровови (Silent night-истата песна само на англиски јазик).

Поручникот Бејкер, кој тогаш имал 18 години е еден од ретките до  денес преживеани сведоци на овој настан. Припаѓал на британската дивизија од Чешир, а во своето кажување сведочеше дека кога почна да се разденува некои војници започнаа да излегуваат од рововите.

„Се чинеше тотално лудо, но ние не пукавме едни во други“. Откако се раздени се случи кулминацијата. Голобрадестите момчиња излегоа на чистина. Кога се случи блиска средба помеѓу германските и британските војници најпрвин се случи повеќеминутна тишина, а потоа сé  се претвори во една огромна Божиќна прослава. Се играше и се пееше, а потоа од никаде се појави вистинска фудбалска топка.

„Стотици млади мажи ја бркаа топката. Немаше голови, судии ниту терен. Едноставно, бевме среќни што по неколку недели во рововите можевме целосно слободни да трчаме по ледината“, кажува поручникот Бејкер.

Како Бекер понатаму кажува, денот бил опуштен и ниту еден куршум не бил испален тој ден, како и следниот ден, а потоа продолжи крвавата битка во која добар дел овие денешни фудбалски херои ги загубија своите животи.

- Реклама -