Невино и празнично затупавување

Идејата беше да напишам чисто информативна и малку скокотлива статија за тоа како луѓето го слават Божиќ во светот. Земав да истражувам низ интернет, чепнав и по достапната литература од семејната библиотека и испратив неколку писма до пријатели  од странство за да ги замолам да ме воведат малку во нивниот Божиќен свет.

Пишува Марија К.
Пишува Марија К.

Она што ми го одговорија пријателите Американци, Германци, Французи, Британци и Мексиканци – горе-долу во ист дух можам да го сосредочам вака:

“Божиќ е едно големо кичесто оглупавување што сепак сите го сакаме”.

Наместо одговор, од САД до мене со брзината на онлајн размена на податоци кај мене пристигна статија со сериозен наслов “Како да го славиме Божиќ”.

Значи да си знаете – ако нешто сте заблудени во чекорите на прославата на “Кристмас”, ги немате потребните знаења или искуство или пак ви е потребна водилка по прашањето – вашето место е овде.

Таму ни даваат четири методи за прослава на празникот, со тоа што секој еден од нив претендира да влезе во синхронизација со духовните ставови и вашиот начин на живот, каков и да е тој.

Првиот метод е, може да се каже, секуларен.

Тој е наменет да ги искупи од гревовите сите гратски чеда кои не висат во црквите, немаат кандила во своите домови, не ги почитуваат нужно верските традиции, но се подготвени да се вклучат во комерцијалната американска шема.

Според овој традиционален метод (во сајтот кон чекорите има и слики, за да се ориентирате полесно, а и да не губите време во читање) празнувањето на Божиќ може да се вклопи во цели дванаесет чекори.

Не знам дали има некаква симболика (дванаесет апостоли, дванаесет месеци … нешто),  но меѓу овие чекори има дури и такви што предлагаат во која мора да се гледаат новогодишни програми (или филмови) на телевизија, да се прави снешко (има, нема снег – ќе се снајдеме), како и да се пејат божиќни песни.

Најомилен сепак ми е специјалниот совет како да се однесувате со своите пријатели и роднини кои гневно ви објаснуваат дека го мразат Божиќ и за ништо на светот нема да се вклучат во празнувањето и исполнувањето на разни американски ритуали.

Во овој чекор во потставовите се опишани психолошките гестови кои се применуваат спрема овие новогодишни негативци кои, генерално, се во стилот “it’s OK!”.

Заедно со тоа оди благиот и тивок тон, насмевка, љубезност, како и подготвеноста да се презентираат причините кои го довеле Божиќо-мрзачот до ова милитантно празнично хејтање .

Потоа, како добар психолог, треба да се согласите, но и да му предложите на вашиот човек дека треба да се обиде да се приклучи кон празникот, без да се оптоварува со сето она што се случува.

Идејата е некако да внесете сјај во душата на гневниот човек и да му го подарите Божиќ вие.

Значи, немате оправдувања – ако сепак не успеете да го убедите вашиот пријател со изгубена душа да слави со вас, едноставно не сте ги следеле точно чекорите или воопшто не ве бива за психолог.

Втората опција на прославување на Божиќ во статијата е за религиозната пропаст. Таму чекорите се помалку – само седум.

Веројатно затоа што ако си религиозен, ти овие работи си ги знаеш и едвај ти се наметнува да ги истражуваш онлајн за да дознаеш како да се радуваш на раѓањето на Исус Христос.

Сепак дури и само да фрлите еден поглед на сликите, ќе ви стане јасно дека вечерта треба да помине главно во молење и божествена радост. За да сте вистински силно исповедан христијанин, добро е да приготвите, на пример, дополнително храна за луѓе во болница, да донирате нешто на бездомниците или воопшто да направите некаков волонтерски чин.

Тука сепак здодевноста доминира, па да преминеме на следниот метод.

Тоа е повторно славењето на Божиќ, но со деца.

Чекајте малку другари – има прослава БЕЗ деца и прослава СО деца, што значи дека децата се главен фактор во новогодишната ноќ и треба да изберете како точно да ги внесете во прославата.

Во овој метод сè се врти околу детето, па ако сте од оние “воркохолици”, чии што деца растат пред нивните очи само во полузаспана состојба (кога излегуваат наутро, тие уште не станале, а кога се враќаат навечер од канцеларијата, тие веќе си легнати) сега е моментот да се зближите малку.

Само така можете да убиете дел од вашето чувство за родителска вина, па смело посветете ги овие дванаесет часа на несреќното наследниче и правете сè со него барем сега.

Украсете ја елката, кажете му за Дедо Мраз и семејните традиции, направете заедно новогодишни слатки.

Сите информации тука се само во шест чекори, па не си мислете дека треба да правите којзнае што. Децата си се деца, а од наредниот ден сите ќе си влезете повторно во вообичаената шема и смирено ќе можете да ги испраќате во собата кога ќе ви го нарушат повторно спокојството со игри, прашања и бучава. Така де, да почекаат за внимание до следниот Божиќ!

Четвртиот Божиќен метод е адекватен на потрошувачката природа – тој и самиот себе се дефинира како “комерцијален”.

Седумте негови чекори нема да ве поттикнуваат да правите неразумни трошоци и да ја нахраните моќно Кинеската божиќна индустрија!

Токму напротив. Од нив ќе дознаете како да го контролирате потрошувачкиот дух, како да се заштитите од неселективен шопинг, но и како покрај тоа да не се претворите во еден предбожиќен скржавец, кој е циција да дава пари дури и за елка.

Значи мирно – имате опција и да останете во креветот цела вечер, и да си правите склекови на пример, и да си слушате безобразно силно рок музика, и да јадете чипс пред телевизорот, и воопшто да правите се што ви е пријатно.

Како сме веќе кај начините да се прослави Божиќ на Западот, треба да се спомене и уште едно онлајн место кое вистински воодушевува со своите идеи за прослава.

Во него со сериозен тон и во една реченица авторот презентира неколку новогодишни “традиции” во светот.

Според професионалните набљудувања, на пример во Кина нацијата се собира и на новогодишната ноќ започнува да го витка во божиќна хартија Кинескиот ѕид. Во Лихтенштајн пак лихтенштајнците го празнувале празникот точно како што требало по лихтенштајнски … (нема повеќе информации за ова прашање). За италијанчињата немало Дедо Мраз, а вештерка наречена Ла Бефана која летала со метлата, врескала хистерично и им давала подароци на децата. Доста creepy, а? …

Во Јапонија работите се уште почудни – таму семејствата се собираат заедно за да се го гледаат нивното омилено телевизиско шоуто Hinshi No Kurisumasu Shōfu No Odori во кое голи мажи се натпреваруваат кршејќи си ги еден на друг носевите, додека стојат на мраз што брзо се топи!

Меѓу меѓународните начини за новогодишната прослава е споменат и тој на некој си Дан.

Информациите за новогодишната ноќ кај Дан е следнава: “Дан е Евреин, па не слави Божиќ. Но тоа е во ред”.

На крајот на овој текст треба да кажам уште дека побарав и класични информации за тоа како се слави Божиќ по светот.

Нив, сепак можете да ги прочитате насекаде во мрежата, па нема зошто да ви раскажувам за сите оние наизглед глупави обичаи ширум светот во кои се фрлаат чевли, жени се кријат зад лебови, мажи си ставаат заклани птици на главите , деца се валкаат во сено со кравјо ѓубриво, возрасни луѓе влегуваат дома низ прозорци, соседите се прскаат со вода…

Вистината е дека како на секој празник, и на Божиќ имаме право малку да одмориме и да се впуштиме во масовното, празнично оглупавување.

Што и да правите, сепак, важно е на сите да ви биде забавно и последиците од налудничавата веселост да не бидат поврзани со оган, пари, скандали или болнички престој.

И Merry Christmas, Мary Poppins или … Marry me – како ви се допаѓа!

- Реклама -