Вечерва „Мајсторот и Маргарита“ во МНТ

СПОДЕЛЕТЕ

Претставата „Мајсторот и Маргарита“, според делото на Михаил Булгаков и во режија на Иван Поповски, врвен македонски театарски режисер кој поставува фасцинантни претстави и мјузикли ширум светот, а најмногу во Русија, ќе биде можност за проверка и проширување на границите ансамблот и екипата на Македонскиот народен театар. Премиерата на претставата е закажана за 1 и 2 декември 2015 година.

mm1

Во претставата „Мајсторот и Маргарита“ учествуваат шеесетина актери и целокупната уметничка и техничка екипа на Македонскиот народен театар. Претставата се подготвува веќе неколку месеци. Преговорите со режисерот Иван Поповски траеле повеќе години и биле разгледувани повеќе предлози во однос на драмските текстови, за на крајот да се одлучи да биде поставено култното дело на Булгаков, еден од омилените автори на режисерот Поповски.

mm2

„Во претставата се зборува за Булгаков со Станиславски, за Булгаков со Сталин, за Булгаков со власта, за ’Мајсторот и Маргарита‘ како еден од најзначајните романи во светот. Избирање само на една од темите што ги зафаќа романот на Булгаков би значело осиромашување на публиката и правење на некое ’наше‘, многу ограничено, читање кое би им го наметнале на гледачите. Со претставата не сакаме на гледачите да им сервираме само една од многуте теми во романот, бидејќи делото носи огромна можност за магични прекршувања. Затоа ќе се обидеме на сцената да претставиме сѐ и со сите ликови во романот“, најави режисерот Поповски.

Во претставата, сепак, најважни теми се вистината, слободата, љубовта и стравот, а најмногу ќе се зборува за љубов и за светлина. Ќе има и малку магионичарска илузија.

mm3

- Реклама -