Поддршка или прогон за Асад? Путин и Обама не најдоа „заеднички јазик“

Американскиот претседател Барак Обама и рускиот претседател Владимир Путин се согласија дека треба да се фокусираат на разговорите со цел да избегнат потенцијални воени операции во Сирија, соопшти американскиот претставник.

putin-obama

На вчерашниот состанок било договорено да се истражат можностите за постигнување на политичко решение во Сирија, но не се согласија за идната улога на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Обама и Путин се состанаа во Генералното сообрание на Обединетите Нации.

Извор од администрацијата на САД, кој побарал да остане анонимен, вели дека за време на разговорите што траеле 90 минути подеднакво време им било посветено на актуелните теми за ситуацијата во Украина и Сирија.

Обама го повторил својот став дека доколу Сирија сака да тргне по патот на стабилноста, Асад мора да си замине од власт.

Политичките разговори продолжиле меѓу министерите за надворешни работи на САД и Русија, а Пентагон ќе организира воени преговори меѓу двете земји, се наведува во соопштението.

Вашингтон ги испитуваше намерите на Путин во Сирија, откако Русија прати тенкови и авиони минатиот месец. Во текот на годинава Вашингтон бомбардираше делови на „Исламската држава“ во Сирија.

Официјалното лице од американската администрација заклучува дека намерите на Путин биле сосема јасни до крајот на состанокот – да се поразат милитантите на „Исламската држава“ и да се поддржи режимот на Асад.

„Нивните цели се јасни. Нивните цели се да одат против „Исламската држава“ и да ја поддржат сириската власт“, вели лицето.

Истото лице изрази загриженост поради спроведувањето на мировниот договор, посебно кога станува збор за плановите на проруската власт да одржи „нелегални“ локални избори.

- Реклама -