Официјално почна бербата на Преспанското јаболко

СПОДЕЛЕТЕ

Со откинувањето на првото јаболко во рамките на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ денеска официјално започнува годинашната берба на Преспанското јаболко.Годинашниот род на преспанско јаболко се очекува да надмине 100.000 тона.

На манифестацијата ќе биде промовирана и новата игра, која на корисниците на Фејсбук ќе им овозможи одгледување јаболка со примена на најсовремените агро-еколошки методи. Развојот на играта е во тек, а денеска десет млади од Ресен ќе се натпреваруваат и ќе им дадат можност на експертите да ја направат уште подобра и поинтересна.

Играта ја создале македонски агрономи и стручњаци од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје, заедно со група фармери од Преспа во која корисниците на Фејсбук од целиот свет ќе можат да создаваат свои полиња со јаболка, да ги одгледуваат, заштитуваат од штетници, да ги продаваат, односно да го минуваат целиот процес кој преспанските овоштари го прават секоја година,
произведувајќи го познатото преспанско јаболко.

Играта ги наградува играчите кои со минимални количини на хемикалии ќе добијат поголем род,
а ги казнува оние кои трошат непотребно големи количини на заштитни средства, ѓубрива и вода, со што ја загадуваат околината.

Ресенчани и гостите на „Преспанскиот јаболкобер“ ќе може да предложат и официјално име за играта, која наскоро ќе биде достапна за играчите од целиот свет, и ќе биде пример како новите технологии овозможуваат и преку игра и
забава да се придонесе кон развојот и кон заштитата на животната средина.

Во рамките на манифестацијата на Градскиот плоштад во Ресен ќе се одржи саемска манифестација каде ќе биде изложена механизација, алати и заштитни препарати поврзани со овоштарството, како и производи од јаболка.

„Преспанскиот јаболкобер 2015“ ќе го затворат македонските поп ѕвезди: Ламбе Алабаковски, Дарко Илиевски, Влатко Лозановски, Дани Димитровска и Каролина Гочева.

- Реклама -