Одите на операција? Носете си музика!

Истражувањето спроведено на универзитетот Квин Мери во Лондон покажува дека слушањето музика пред, по или за време на операцијата го намалува стресот, а воедно и болката. Во истражувањето учествувале 7.000 пациенти, подложени на 70 различни типови на операции, а резултатите велат дека музиката и навистина е моќен аналгетик.

„Ако замислите лента од 10см, во која 0 е дека не чувствувате воопшто болка, а 10 е дека чувствувате неподнослива болка, влијанието на музиката ја намалува болката за 2см приближувајќи се накај 0“, вели Кетрин Мидс, предводничка на ова истражување.

Според истото, придобивки има при слушање на било каков жанр на музика. Уште поинтересно е што, како што пишува во извештајот,  музиката имала ефект и кога пациентите биле под целосна анестезија.

Министерството за здравство на Велика Британија вети дека ќе направи сé за докторите да ги земат во предвид овие сознанија. Научниците советуваат болниците да делат памфлети во кои ќе ги советуваат пациентите да си ги носат уредите за слушање музика и омилените плејлисти кога се подготвуваат за операција.

Аргументот е дека музиката е безбедна, евтина и неинванзивна опција што треба да им биде достапна на сите што прават операција. „Се надеваме дека докторите ќе ги применат овие сознанија бидејќи сакаме пациентите да закрепнат што е можно побрзо и подобро по операција“, вели Мидс.

- Реклама -