Предлог филм: Враќање (2003)

СПОДЕЛЕТЕ

„The Return (Возвращение) е руско ремек дело, првенче во режија на талентираниот Андреј Звјагинцев, кој уште во овој проект покажува толку голема умешност што заслужено се закитува со „Златен лав“ на филмскиот фестивал во Венеција.

На почетокот филмот не вовлекува во мистерија, за потоа да започне со развој на една психолошка драма чиј што епилог не можеме ни да го претпоставиме.

Главни ликови во приказната на Звјагинцев се две деца кои живеат во приморско селце заедно со својата мајка и баба. Тие го сретнуваат татко им после долги години, бидејќи тој го напуштил семејството додека децата биле мали, па со оглед на тоа браќата не го ни паметат. Во обид да надокнади за пропуштеното време, тој решава да ги поведе и двајцата на кампување и роболов.  Звјагинцев умешно ја започнува мистеријата околу ликот на таткото допуштајќи да размислуваме за неговите побуди. Тој уште на почетокот делува психички растроено, со склоност кон насилство, предводен од премисата за патријархално воспитување со цел да ги направи своите синови вистински мажи. Интересно е да се види како децата различно реагираат на потребата од татко. Додека едниот, постариот, блеска од среќа обидувајќи се „да го проголта“ и она кое потајно знае дека е за секаква осуда, помалиот е резервиран, па дури и бесен што толку долго биле отфрлени и оставени самите на себе.

thereturn12

Дефинитивно Звјагинцев е еден од филмските мајстори кои треба да се следат со исклучителна концентрација. Овој филм (како и останатите од неговото творештво) е исткаен со алегорија и многу симболика. Ликовите се психолошки разработени со една реална длабочина која влева тензија уште од самиот почеток. Филмот е вистинско богатство од детали и затскриени симболи кои отвараат теми на секој чекор, секој момент е нов вид на откровение, а секоја дилема подлежи на некакво објаснување.

„Гуглајќи“ на интернет импресијата ја зачини еден трагичен податок,  а тоа е дека Владимир Гарин ( во улога на постариот брат), се удавил два месеци пред премиерата на филмот.

Едно е сигурно, а тоа е дека овој филм ќе ве остави да размислувате долго откако ќе го изгледате. Ќе ви биде тешко, но никако нема да зажалите. Чиста 10-ка.

- Реклама -