Од денес, Хадронскиот колајдер во Церн со полна сила ќе работи на тоа да ги пробие границите на физиката

Од денес, Хадронскиот колајдер почнува да работи со полна сила, на рекордно високо ниво на енергија, откако научниците започнаа нова серија на експерименти што ќе ни помогнат да ги разбереме тајните на физиката на честиците.

Откако го рестартираа во Март, по двегодишната пауза за поправки и надградби, научниците ја тестираа способноста на колајдерот да работи со поголема моќ од било кога во историјата. Во мај беше надминат претходниот рекорд, судрувајќи снопови од протони со енергија од 13 ТеV (тера-електроволти), што е цели 5 TeV повисока од претходните стандарди. За споредба, тоа е енергија доволна да стопи цел тон бакар при првичниот допир.

Откако научниците се накитија со задоволни насмевки како резултат на докажаната способност на колајдерот да работи на повисока моќност и тоа на долг период, од денес, тимовите ќе почнат со редовно судрување на честици, со надеж дека ќе откријат нови, до сега недетектирани микро-честици што би објасниле дел од физичките мистерии на универзумот.

„Поголемата енергија значи поголеми шанси дека ќе наидеме на нови откритија“, вели Алан Бар, професор на Оксфорд. Научниците се надеваат дека експериментите ќе го откријат потеклото на темната материја, супер-симетричните честици и многу други неизвесности.

Впрочем, тоа е и целата поента на постоењето на Хадронскиот колајдер, од кое откривањето на Хигсовиот бозон беше само почетна етапа. Неговото откривање беше само патоказ дека физичарите се на добар пат во своите теории во последните неколку децении, а клучна беше неговата маса, која ако беше висока (140 GeV) можеше да стави крај на надежите на човештвото дека ќе откриеме некои нови честици (потребни за да се докажат досегашните конвенционални теории) и ќе ја потврдеше теоријата за мултиверзум (од кој нашиот универзум би бил само микро-честичка), а ако беше ниска (115 GeV) ќе гарантираше постоење на такви нови честици. Резултатите од претходната серија на експерименти покажаа дека „Божјата честичка“ има маса од 125 GeV, што всушност значи дека ситуацијата и понатаму е крајно неизвесна за човештвото и неговото сфаќање од една, а реалноста на универзумот од друга страна.

- Реклама -