Gmail стана најголем сервис за електронска пошта

Google објави дека Gmail сервисот има 425 милиони активни корисници месечно. Тоа значи дека сервисот за првпат го надминал Hotmail, станувајќи најголем e-mail сервис во светот.

Многу години Hotmail на Microsoft беше шампион во глобалните сервиси за електронска пошта. Во јули 2011 година Hotmail на својата 15 годишнина објави дека има 360 милиони уникатни корисници месечно. Yahoo Mail беше неоспорен шампион долго време но започна да губи корисници во корист на Hotmail и Gmail. Сега далеку помладиот сервис на Google (Gmail беше претставен како бета со покани во 2004) им се приближи на постарите ривали.

Растот на Gmail е апсолутно неверојатен. Во јануари компанијата објави дека има 350 милиони активни корисници на Gmail, врз основа на нивните внатрешни податоци. Денес тој број е 425 милиони активни месечни корисници, базирано на внатрешни податоци без објективна потврда.

Веб аналитичарите од ComScore пак тврдат дека Google има далеку помалку уникатни корисници и сè уште им дава предност на Hotmail и Yahoo. Најновите податоци на ComScore од мај велат дека Hotmail е прв со 325 милиони уникатни посети, Yahoo втор со 298 милиони корисници и Gmail трет со 289 милиони корисници.

Податоците од ComScore се базирани на глобални уникатни посетители од „домашни и бизнис корисници“ што ги занемарува важните посети од смартфони и интернет кафеа. И Yahoo и Microsoft ги посочиле податоците од ComScore како валидни за активни корисници одбивајќи пристап до нивните внатрешни податоци.

- Реклама -