Радио од Црна Гора постојано пушта само една песна?

Подгоричани не можат да си го замислат денот без да ја слушнат. А и што да се очекува кога една радио-станица нон-стоп со недели ја пушта единствено таа песна?

Се работи за песната „Uptown Funk“ и за радио-станицата со истото име. Радиото емитува и „Топ 10“, ама истата песна е на секое од десетте места. Стефан Филипович, сопственик на радиото, вели дека воопшто не се работи за грешка.

„Долго преслушувавме многу станици од регионот и заклучивме дека луѓето најдобро реагираат на песната Uptown Funk. Најголем дел од тие станици имаат репертоар од најмногу 300, 400 песни кои се повторуваат, ама ние дојдовме на идеја да пуштаме само една, најслушаната“.

Подгоричани во почетокот беа збунети, но набрзо го прифатија потегот како „добра фора“.

„Луѓето се уште се прашуваат за што се работи. По коментарите на друштвените мрежи можам да заклучам дека сето ова го доживуваат како фора, па затоа целата приказна брзо ја прифатија. Ја сакаат таа песна, па сега не мора да бараат по станиците или да ја снимаат на диск за да ја слушаат. Доволно е да не го менуваат каналот“, вели низ смеа Филипович.

Тој најавува дека песната ќе се врти уште месец-дена, додека не им здосади на луѓето. Кога тоа ќе се случи, Uptown Funk радио ќе смисли некоја друга итроштина за да ја задржи стекнатата публика.

- Реклама -