Направена крема што евтино и безболно отстранува трајни тетоважи

СПОДЕЛЕТЕ

Уште не можете да си ја простите смешната тетоважа што ја направивте кога не бевте баш најзрели? Нема проблем.

Тетоважите се тема за која треба добро да се размисли – можеби на почеток звучат како добра идеја, но никогаш не сте сигурни дека еден ден нема да се покаете. Иако отстранувањето на перманентните тетоважи не е невозможно, ласерскиот метод обично вклучува изгореници, лузни и болка.

Ако се суди по прелиминарните тестови, на повидок е крема што тетовирањето ќе го оддалечи од „вечна обврска“ и ќе го приближи повеќе кон „трае додека сакаш да трае“. Според CBC, 27-годишниот студент Алек Фалкенхем развива крема што ќе ги отстранува тетоважите без никакви последици.

Tattoo removal gif

При тетовирањето, белите крвни клетки (наречени макрофаги) го консумираат и трајно се исполнуваат со пигментот од мастилото, што ја прави тетоважата видлива на кожата. Кремата на Алек (Bisphosphonate Liposomal Tattoo Removal – BLTR) работи така што ги таргетира токму овие клетки, нанесувајќи нови макрофаги кои ги консумираат пигментираните клетки и потоа ја транспортираат бојата до лимфните јазли. Ова резултира со избледување на тетоважата и отстранување на бојата без иритација и воспаление. Патем, кремата ги избегнува нормалните (необоените клетки), што исто така значи помалку воспаленија.

Сега за сега, кремата е тестирана само на тетовирани свински уши, па ќе помине уште некое време додека да стане достапна на пазарот. Сеедно, Фалкенхем смета дека не само што новиот третман ќе биде побезбеден од ласерскиот, и за разлика од него – антивоспалителен, туку ќе биде и поевтин и безболен. Се очекува дека третманот на тетовирана површина од 10×10 см. ќе чини само околу 4.5 долари, иако веројатно ќе бидат потребни повеќе третмани додека тетоважата целосно да исчезне.

- Реклама -